Уметничко-ликовна дејност

НУЦК „Антон Панов“ располага со два изложбени, галериски простора. Едниот, поголемиот, се наоѓа во десното крило на НУЦК, спроти канцелариите на Уметничката галерија. Вториот, помалиот, се наоѓа во просторот на фоајето. Обата галериски простора нудат одлични можности за изложување уметнички слики, скулптури, отворање на индивидуални или групни изложби. Со доволно голема површина, тие се места каде се собираат уметниците од земјата и од странство, како и посетителите, љубителите на уметноста преку текот на целата година.

Кратка историја на Уметничката галерија

Кон крајот на 50-тите години на 20 век Кочо Урдин, познатиот струмички и македонски писател, остварувал повеќе контакти и средби со сликари од просторот на тогашната држава Југославија. Од нив набавувал слики за да направи една уметничка збирка во Работничкиот универзитет „Јоска Свештарот“ во Струмица, чиј директор тогаш бил. По некое време тие свои патешествија ги заменил со тоа што ги повикувал сликарите да престојуваат во Струмица. На тој начин во летото во 1963 година е формирана Струмичката ликовна збирка. Почетната идеја била на едно место да се соберат и преку изложба да се дадат на показ ликовните дела што дотогаш биле откупувани или подарувани од сликари, општествени организации и сл. Во тоа време се зародила и идејата да се организира ликовна колонија во Струмица, во Работничкиот универзитет. Првото издание на Колонијата требало да биде во 1963 година, но поради земјотресот во Скопје, било одложено. Веќе во следната 1964 г. година, во август месец, се случила првата Колонија. Еве како во еден свој запис се сеќава на тоа време Љупчо Апостолов: „Кога дојдоа од сите страни во Струмица, беше август 1964. Чудно изгледаа. Облечени шаренолико, шумни и весели, на секој чекор го свртуваа вниманието. Ги гледаа луѓето, сомнително вртеа со главите и се прашуваа: кои се овие необични суштества и што бараат овде во ова мало јужно гратче“?

До 1966 година учесници на Колонијата биле сликари без академско образование и сликари кои ја негувале наивната уметност, а од таа 1966 година на Колонијата почнале да учествуваат и академски сликари од Југославија. Од 1969 година Колонијата станала меѓународна и на неа почнале да учествуваат уметници од целиот свет. Во речиси шеесетгодишното постоење на Меѓународната струмичка колонија низ неа како гости и учесници поминале многу значајни имиња и од Македонија и од странство. Некои од нив се: Боро Митриќевски, Стојан Пачоов, Тане Луловски, Симон Шемов, Ниче Василев, Ана Темкова, Ганзафер Бајрам, Мартин Хегедушиќ, Рубенс Корубин, Трајче Јанчевски, Глигор Беќаров, Петар Мазев, Чали Јашар, Драган Лубарда, Цане Јанкуловски, Глигор Чемерски, Миле Корубин и многу други.

Првичното јадро на денешната Уметничка галерија, кое било сместено во Работничкиот универзитет во Струмица, го сочинувале Кочо Урдин и Љупчо Апостолов, кој раководел со изложбениот простор. Во 1986 година, со отворањето на Домот на културата во Струмица, Центарот за култура на Работничкиот универзитет, со одлука на Собранието на Општина Струмица, се одделува од Универзитетот и се припојува како Сектор за ликовна дејност во рамките на новоотворениот  Дом на културата. По повеќе од две години, со одлука на Министерството за култура, Секторот за ликовна дејност прераснува во самостојна институција од областа на ликовната дејност – Уметничка галерија, Струмица. Нејзин раководител бил Љупчо Апостолов, а дел од Уметничката галерија биле и Бранислав Пепиќ, историчар на уметноста, Васил Алачев, академски сликар, како и организаторот Никола Шумаров.

Освен реализирањето на изложбите кои се дел од Годишната програма помогната од Министерството за култура, Уметничката галерија е носител и организатор на традиционалната Меѓународна струмичка ликовна колонија, во чии рамки – од 1993 година – функционира и мозаичарската работилница. Нејзин прв ментор бил академик Ганзафер Бајрам. Свој удел во функционирањето на оваа работилница има и Италијанецот Паоло Ракањи. Од 1999 година Уметничката галерија го презеде организирањето и реализирањето на Меѓународниот фестивал за афоризам и карикатура, кој секоја година, традиционално, се случува на Чист понеделник, кога се доделуваат наградите.

Уметничко-ликовни каталози

Тековни конкурси

КОНКУРС

Тема

КАРНЕВАЛ – ЕРОТИКА

КАТЕГОРИЈА АФОРИЗАМ

Во оваа категорија секој автор може да учествува најмногу со 10 афоризма, отпечатени во три примерока, со шифра и со податоци за авторот во затворен плик. Учесниците може да учествуваат со повеќе трудови од по 10 афоризма со посебна шифра за секој труд.

КАТЕГОРИЈА КАРИКАТУРА
Во оваа категорија секој автор може да учествува најмногу со три карикатури, работени во техника по избор на авторот, со димензии А4. На секоја карикатура треба да стојат податоците за авторот на задната страна.РОК НА КОНКУРСОТ
Краен рок за пристигнување на трудовите е 1 март 2024 година.

НАГРАДИ
Се доделуваат три главни награди: Златна, Сребрена и Бронзена плакета. Организаторот има право да додели одреден број дополнителни награди.

АДРЕСА
Трудовите да се испраќаат на адреса:
НУ Центар за култура „Антон Панов“
Плоштад „Гоце Делчев“ бб
2400 Струмица Р. Македонија
(Со назнака: За конкурсот за афоризам и карикатура)

АВТОРСКИ ПРАВА
Пристигнатите дела од двете категории остануваат во сопственост на организаторот и авторот, со право на нивно претставување во јавноста, по можност во каталог или друг вид публикација.

ЖИРИРАЊЕ
Сите дела пристигнати во определениот рок, ќе ги разгледа соодветно жири, кое ќе ги додели наградите на 18 март 2024 година (Чист понеделник), кога ќе биде организирана изложба и претставување на наградените дела.

КОНТАКТ ИНФОРМАЦИИ
Тел. ++ 389 70 291 544
Е-адреса: anton.panov.sr@gmail.com

0 Постоење
0 Уметници
0 Дела
0+ Изложби

Ана Димоска

Стручен соработник за визуални уметности, дизајн и архитектура

Следни настани