Музичко-сценски сектор

Музичко-сценски сектор

Во 1986 година во Струмица почна со работа  Домот на културата „Благој Јанков Мучето“. Неговата програмска определба, на самите почетоци, била да се помага и да се промовира творештвото на творци од Струмица и Струмичко пред домашната јавност, но исто така и во странство. Идејата била да се претстават сите музички творци, дипломирани и студенти; ликовните творци, професионалните уметници и аматерите; книжевните творци, драмските аматери итн. Паралелно со тоа се случувал и организиран забавен живот (постоење на дискотека), а во 90-тите години се почнало и со редовни кино-проекции.

Од самите почетоци на Музичко-сценскиот сектор, во склоп на неговата дејност, почнале да работат разни секции и групи. Така во 1986 година почнал со работа Хорот „Деница“, под раководство на надворешниот соработник, хороводителот Коста Тимов, едно од оние имиња кои ќе остават трајни вредности во музичкиот живот во Струмица и во Македонија. Хорот функционирал до 1996 година. Имал повеќе настапи во земјава и во странство. Освоил неколку награди: три Сребрени плакети на Републичкиот фестивал на младински и пионерски хорови во Кавадарци (во 1988, 1990 и 1992 г.); две Златни плакети на Републичкиот фестивал на младински и пионерски хорови во Кавадарци (во 1994 и 1996 г.). Раководителот на хорот, Коста Тимов, во 2004 година, за неговиот придонес во областа на музиката и хорското пеење, ја добил Општинската награда, која ја доделува Општина Струмица на истакнати поединци. Претходно, уште во 1994 година, Општинската награда ја добил и Хорот „Деница“.

Со отворањето на Домот на културата во 1986 година, веднаш, во рамките на Музичко-сценскиот сектор почнало да работи и струмичкото Културно уметничкото друштво „Боро Џони“, кое е формирано во далечната 1948 година. Освен ансамблот „Распеани струмичани“ како дел од КУД „Боро Џони“, тука е и игроорната секција. Дејноста на овие два ансамбла станала составен дел од програмата на Музичко-сценскиот сектор. Во почетокот на 90-тите години, во периодот од 1990 година до 1992 година, работела и Драмската секција, која била поделена на пионерска и младинска. Како режисери и организатори на претставите биле Соња Бонева, Анче Давчева и Сандо Монев. За неколкуте години постоење Драмската секција прикажала неколку претстави за деца и младинци.

Во 2009 година почнала со работа Школата за кавал под раководство на кавалџијата од село Штука, Велко Ѓорѓиев, а била проект на Здружението за култура „Унисоно“ од Струмица. Поради подобрите услови за работа, во 2012 година, Школата за кавал продолжила со работа во Домот на културата во Струмица, во склоп на Музичко-сценскиот сектор, а со неа раководел Ристе Гогов, етнокореолог. Школата како дел од Музичко-сценскиот сектор функционирала од 2012 до 2014 година. Биле одржани неколку концерти во Струмица и настапи на Фестивалот на изворни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ во Долнени, Прилеп.

Од 2011 година до 2020 година – вкупно 10 години – секој август, во траење од околу една седмица, во НУЦК „Антон Панов“ се одржувал Летниот музички камп за дувачки инструменти и камерна музика. Летниот музички камп го воделе проф. доц. Александар Гошев, ментор по рог, Васо Ристов, професор по труба и Страше Темков, ментор по флејта. Целта на кампот била усовршување на младите таленти, како и подобрување на музичката педагогија во Македонија. Учесниците на кампот биле од Македонија и од земјите во регионот како Србија, Црна Гора, Словенија, Босна и др. За време на Летниот музички камп, како дел од неговата програма, се одржувале концерти на учесниците.

Преку поддршката од Министерството за култура, потоа преку разните форми на соработка со Општина Струмица, исто како и преку соработката со основните и средните училишта во Струмица, Музичко-сценскиот сектор секоја година реализира разновидна програма во која се застапени фолклорната, традиционалната музика, потоа класичната музика, џез музиката, забавната музика итн. Во редот на активностите на овој сектор спаѓаат и детските фестивали, промоциите на книги, проекциите на филмови еднаш седмично итн. Еден од плановите во блиска иднина на Музичко-сценскиот сектор е формирањето на чалгиски оркестар и детски хор

0 Концерти
0 Музички манифестации
0 Фестивали

Следни настани

,,Под кулите на Струмица” 2024

Голема сала

НУЦК „Антон Панов“ - Струмица ви го претставува 14. фестивал на староградски песни и серенади „ПОД КУЛИТЕ НА СТРУМИЦА“. На настанот кој е закажан за 10 мај (петок) со почеток...

Концерт на Каролина Гочева

НУЦК “Антон Панов“ Плоштад Гоце Делчев бб, Струмица

Ви го најавуваме големиот концерт на македонската дива Каролина Гочева на 17 мај во „Антон Панов“.

МКД1000

Во реализирањето на програмата на Музичко-сценскиот сектор (концерти, музички фестивали, музички школи, кино-проекции итн.) покрај лицата кои се дел од Музичко-сценскиот сектор, свој удел, на различни начини, имаат и останатите вработени во НУЦК „Антон Панов“. Сепак програмата на овој сектор, главно, се реализира преку работата на тројцата вработени во овој сектор.