Објект

Како дел од урбаното проширување на Струмица во 70-тите години на минатиот век, во центарот на градот започнал да се гради и дом на култура. Домот на културата „Благој Јанков Мучето“ бил свечено пуштен во употреба на 1 мај 1986 година. Бил изграден преку придонес на работните луѓе од Струмица и Струмичко. Веднаш по неговото отворање, почнал со работа Музичко-сценскиот сектор. Исто така, по неколкугодишната обездоменост, во просториите на Домот се вселил струмичкиот театар во 1986 година. Истата година, со одлука на Собранието на Општина Струмица, во Домот се вселил и Секторот за ликовна дејност, кој дотогаш бил дел од Работничкиот универитет. Тоа е денешната Уметничка галерија.

Почнувајќи од 6 април 2004 година, со измените на одредбите на новиот Закон за култура на Република Македонија, трите претходно самостојни организации во Струмица: Дом на културата, Уметничка галерија и Национален театар „Антон Панов“ биле интегрирани во заедничка организација под името Национална установа Центар за култура „Антон Панов“ – Струмица.

Објектот на НУЦК „Антон Панов“ располага со една голема сала, една помошна (камерна) сала, една мала сала, фоаје и уметничко-галериски дел.

Голема сала

Големата сала располага со капацитет од 564 седишта. Во нејзиниот заден дел е сместена ложа. Освен за прикажување на театарски претстави, таа се користи за музички настани и кино-проекции

Камерна сала

Камерната сала се наоѓа наспротива Големата сала, односно зад сцената и најчесто се користи за прикажување на театарски претстави.

Уметничко-ликовна галерија

НУЦК „Антон Панов“ располага со две уметничко-ликовни галерии. Едната галерија се наоѓа на самиот влез во објектот, десно. Другата е во фоајето, во неговиот заден дел.

Мала сала

Малата сала се наоѓа на вториот кат на НУЦК „Антон Панов“ и најчесто се користи за помали настани како промоции, работилници, конференции итн.