Ансамбли и манифестации

Распеани струмичани

Вокално-инструменталниот ансамбл „Распеани струмичани“ постои околу седумдесетина години. Неговите почетоци се во склоп на тогашното Културно-уметничко друштво „Боро Џони“ и тоа како секција за негување и исполнување на староградски и народни песни. Во Друштвото постоел музички оркестар кој имал двојна функција: да ја придружува фолклорната секција, но и вокалните хористи и солисти при изведбата на староградските и народните песни. Оркестарот бил воден од страна на професионалец, вработено лице во редовен работен однос како музички и организациски менаџер.

Како самостојно вокално-инструментално здружени фигурира од 1 јануари 1987 година под покровителство на Домот на култура во Струмица. ВИА „Распеани струмичани“ го има издадено првиот аудио и видео-носач на звук „На сам ден Тримери“ во целосна обработка и аранжмани на тогашниот раководител Стојан Стојанов. Од 2004 г. покровителството на ансамблот го презема Националната установа – Центарот за култура „Антон Панов“ од Струмица. Членувањето во ансамблот е строго волонтерски и аматерски врз основа на афинитетот и љубовта кон убавата, квалитетна песна.

Во досегашниот период, од основањето до денес, музички раководители биле Стојан Стојанов, Никола Бончев, Никола Пецанов, Игор Ангелов, Александар Бончев и сегашниот раководител Слободан Ѓошиќ. ВИА „Распеани струмичани“ како негувач на традицијата има голем број настапи, гостувања и награди. Последното гостување на ансамблот беше на 53. Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ во 2023 година во Битола, каде беше добитник на првата награда за најуспешна група која исполни староградска музика и песни од струмичкиот регион.

Ансамблот има околу 30 члена (хористи и оркестар). Секоја година во чест на празникот на градот Струмица на 11 декември – „Св. Петнаесет Тивериоплоски Свештеномаченици“, ансамблот го одржува својот годишен концерт. За време на тримерските празнувања пак, ја презентира струмичката традиција и култура преку обичаите, адетите, музиката, песната и играта

Фестивал на староградски песни „Под кулите на Струмица“

Фестивалот „Под кулите на Струмица“ се одржува од 2009 година до денес. Досега имал тринаесет изданија – со исклучок на 2020 г., кога имало пауза поради ковид пандемијата. На овој Фестивал се изведуваат и негуваат исклучиво староградски песни и серенади. Овој значаен проект за граѓаните на Струмица и за градот Струмица е инициран од тогашниот директор на НУЦК „Антон Панов“ од Струмица, Димитрије Атанасов. Досега на Фестивалот имаат учествувано ансамбли од целата Република, а свое учество имале и ансамбли од Хрватска и Бугарија, така што Фестивалот има и една меѓународна димензија. Традиционално, Фестивалот се одржува секоја година во мај.

Фестивал на источно црковно пеење

Идејата за одржување на фестивал од ваков тип произлезе од тогашниот директор на НУЦК „Антон Панов“ – Струмица, Димитрие Атанасов и тогашниот раководител на Музичко-сценскиот сектор Киро Козаров. Првото издание на Фестивалот се одржа во 2010 година во просториите на НУЦК во Струмица. Од 2015 година Фестивалот почна да се одржува во храмот „Св. Петнаесет Тивериоолски Свештеномаченици“ во Струмица. Досега на Фестивалот учествувале повеќе диригенти, хорови, уметници како: д-р Јане Коџобашија, Ивица Зориќ со хорот „Менада“ од Тетово, Игор Гулевски со хорот „Св. Нектариј Битолски“, Мирјана Павловска-Шулајковска со хорот „Херувими“, Зоран Мазнејков со хорот „Св. Теофил Струмички“, Мери Чекуткова со хорот „Св. Макрина“ од Битола, машкиот хор „Св. Роман Слаткопевец“ од Струмица и др.

Во 2018 година се одржа научен симпозиум со наслов „Источното црковно пеење во Македонија“. Со организацијата на Фестивалот денес раководи Слободан Ѓошиќ, вработен во Музичко-сценскиот сектор во НУЦК „Антон Панов“ од Струмица, а свој удел досега во техничката подготовка на Фестивалот имале Елисавета Василева-Бончева, Софија Џибулова, Стојан Стојанов, Иван Јовев, Славе Шумаров, Ѓорѓи Поп Митев, Васил Богоромов, Сречко Гунчев.

Интернационален фестивал на камерна музика „Струмица класика“

Од 2021 година во НУЦК се одржува Интернационалниот фестивал на камерна музика „Струмица класика“. Фестивалот се зароди по идеја и иницијатива на нашиот познат обоист Васил Атанасов, кој потекнува од Струмичко. Фестивалот е поддржан финансиски од Општина Струмица, а е со организациска и техничка поддршка од Музичко-сценскиот сектор при НУЦК „Антон Панов“ од Струмица. Освен солистичката музика, најголемиот дел од програмата е посветен на камерната музика со настапи на состави како дуо, трио, квартет, квинтет, октет, хорови, камерни оркестри итн. Целта на Фестивалот е да се претстават врвните македонски уметници што ја негуваат камерната музика, но и гости од соседните земји, Европа и пошироко.