Васил Михајлов

Актер

Роден во 1979 година во Струмица. Васил Михајлов е актер познат под уметничкото име Васил Михаил. Дипломиран актер на НАТФИЗ „Крстјо Сарафов“ во Софија, Бугарија, од 2001 година. Истата година во октомври како актер ќе стане член на струмичкиот театарски ансамбл. Иако актерството е негова примарна преокупација, сепак не е и единствена затоа што се јавува и како режисер на повеќе претстави во Струмичкиот театар, претстави препознатливи по експерименталниот и истражувачки дух. Во поново време се афирмира и како драмски автор на неколку текста, па така неговата драма „Паркинг“ е застапена во збирката кратки драми од современи македонски автори со наслов „Сирота мала богата драма“ (2018). Во 2002/2003 година специјализирал на Подвижната академија на изведбени уметности во Амстердам, Холандија. Од ноември 2003 година е основач и претседател на Здружението за култура и уметност „МАНА“ од Струмица. Негов интерес е и менаџментот во културата. Од 2014 година е член на Извршниот одбор на Интернационалниот театарски институт (ИТИ) од Македонија, гранка на светската ИТИ мрежа. Во 2006 година уличниот перформанс „Срж“ е награден со наградата за најдобар аудио дизајн на Меѓународниот фестивал на амбиентални и улични сценски остварувања „Фестпо“ во Нови Бечеј, Војводина, Србија. Во 2006  година бил учесник во театарската лабораторија на Јержи Гротовски. Научен соработник на Анатолиј Василев во Академијата во Санкт Петербург. Десет години лидер на театарската лабораторија „Внатрешна емиграција“ во Атина. Ја режирал монодрамата „Таа“, за која актерката Оливера Аризанова-Мансбарт ќе ја добие наградата за најдобра актерка на Европскиот фестивал на патувачки театар во 2015 година во Сливница, Бугарија. Ја режирал и бил актер истовремено во дуодрамата „Каминот“, која ќе биде наградена со Специјална награда за целосно остварување, со посебен акцент на актерската игра и сценографијата, на Театарскиот фестивал „МИНАТ“ на театарскиот град Денија во Шпанија, во 2017 година. Студент е на магистерски студии по Филмска и ТВ режија на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА во Скопје.