Стојан Велков-Трн

Актер

Роден во 1979 година во Струмица. Дипломирал на ФДУ во Скопје на Одделот за драмски актери во класата на проф. Владимир Милчин и асист. Сузана Киранџиска. Првата професионална улога му е улогата на Саша во „Вишновата градинка“ на Алексеј Слаповскиј, на сцената на театарот во Куманово во 2005 година. Во Струмичкиот театар официјално вработен од 2010 година. Одиграл четириесетина улоги на театарската сцена. Со неколку исклучоци, сите улоги му се одиграни на сцената на Струмичкиот театар, меѓу кои, треба да се издвојат: улогата на Тоше во „Ни ќар ни зијан“, Тоше во „Не чукај блиску до срцето“, Ангелот на смртта во „Вечна игра“, Алексеј во „Мурлин Мурло“, Царот Владислав во „Царот Владислав“, Сквилер во „Животинска фарма“, Лихварот во „Кротка“, Луцифер во „Каин“, Астров во „Вујко Вања“ и други. Тука се неговите улоги во детските претстави – Лимениот човек во „Волшебникот од Оз“, Првиот измамник во „Царевата нова облека“, како и ликовите креирани преку управување со куклите во куклените претстави: Баба Рога во „Јованче и Марика“ и Црн Мустаќ во „Куче со боја на небо“. Покрај играњето на матичната професионална сцена, учесник е во проекти со алтернативен и експериментален израз, во проекти на уличен театар, кабаре шоу итн. Преку „Думон“ од Струмица ја подготвил и режирал алтернативната претстава „Сенките на Чехов“ (2013), работена според негова драматизација на раскази од Чехов. Се занимавал со телевизиско водителство, играл и во повеќе телевизиски серии како „Кандидати“, „Македонски народни приказни“, „Семејни приказни“, „Преспав“. Последниве години е ангажиран и на Струмичкиот карневал во улогата на „Царо“ на карневалот. Како актер, ангажиран е од повеќе претпријатија при креирањето на рекламни материјали. Важен сегмент од неговата творечка работа е ангажманот како режисер но и како театарски педагог во КУД „Гоце Делчев“ од Босилово и „Думон“ од Струмица. Играл во филмовите „Среќна нова 903“ (2014), во режија на Јани Бојаџи и „Златна петорка“ (2016), во режија на Горан Тренчовски. Во 2021 година на Интернационалниот фестивал на монодрама „Албамоно“ во Корча (Албанија) ја доби Наградата за најдобра машка улога во монодрамата „Кротка“ правена според новелата на Достоевски, а во режија на Дејан Ангелов.