Оливера Аризанова-Мансбарт

Актерка

Родена во 1969 година во Струмица. Дипломирала актерска игра на Факултетот за драмски уметности во класата на проф. Владимир Милчин. Свој ангажман како вработена актерка во струмичкиот театарски ансамбл ќе добие во 1991 година сè до 1993 година. По неколку години пауза пак ќе биде вработена во Струмичкиот театар во 1997 година и тој нејзин ангажман трае до денес. Како гостин, реализирала неколку улоги во театрите низ земјата, како, на пример, нејзиното учество во Хавеловата „Питачка опера“ во Драмски театар во 1996 година. Нејзиниот примарен ангажман е на матичната театарска сцена во Струмица, каде што реализирала педесетина улоги сеедно дали во претстави за возрасни, претстави за деца или претстави што имаат експериментален и истражувачки карактер. Од повеќето остварени улоги, кај публиката и кај критиката ќе остане запаметена во улогите на: Евридика во „Словенски Орфеј“ (1992), Софија во „Пиликатник“ на Антон Панов (1997), Дадилката во „Џулиета и Ромео“ (1998), Дели во „Перпетум мобиле“ (2003), Ина во „Мурлин Мурло“ (2016), Оливија во Шекспировата „Дванаесетта ноќ“ (2017), Царицата Марија во праизведбата на „Царот Владислав“ (2018), Метелкина во „Пурпурен остров“ на Булгаков (2019), Војницка во „Вујко Вања“ на Чехов (2023) и др. Може да се рече дека посебно место во нејзиниот актерски опус зазема монодрамата „Таа“ по текст на Даниела Колева, претстава која, премиерно изведена во 2010 година, ќе успее да се одржи на репертоарот на Струмичкиот театар повеќе години – стекнувајќи се со статусот хит-претстава со над 50 изведби. Истата претстава ќе гостува во Турција, Словенија, Бугарија, БИХ, Црна Гора, како и низ повеќе градови во земјата. Во 2015 година на Европскиот фестивал на патувачки театри во Сливница, Бугарија, за монодрамата „Таа“ ќе ја добие наградата за најдобра женска улога. Важен сегмент од ангажманот на Оливера Аризанова-Мансбарт во последните години е и нејзината работа како театарски педагог. Во 2001/2002 год., три месеци ја посетувала „Школата за актери“ во Крефелд, Германија. Еден период живеела и работела во Германија, каде ќе игра во трилогијата „Дон Кихот – двојникот“ (2000/2001).