Кољо Черкезов

Актер

Роден во 1967 година во Струмица. Вработен во Струмичкиот театар како актер од 1994 година. Сепак, неговото дебитирање на професионалната театарска сцена се случува многу порано пред неговото официјално вработување, и тоа во 1987 година кога ќе се јави во улогата на Привидение во претставата „Магбет“ во режија на Стојан Стојаноски. Пред официјално да стане член на струмичкиот ансамбл, ќе оствари петнаесетина улоги како на професионалната театарска сцена во Струмица така и на алтернативната и аматерската сцена. Ќе биде награден за улогата на Синче во „Бледица“ на Васе Манчев на Регионалните смотри во 1986 година; на Фестивалот на аматерски и алтернативен театар (ФААТ) во Кочани во 1988 година ќе биде награден за улогата на Учителот во претставата „Хамлет од Долно Гаштани“; ќе биде награден за улогата на Нејќез во претставата „К’не“ на Васе Манчев на ФААТ во Кочани во 1989 година; на ФААТ во Кочани во 1991 година ќе биде награден за улогата на Еди во претставата „Луди од љубов“ на Сем Шепард. Неговиот актерски опус опфаќа околу 90 улоги од кои 40 се главни улоги. Се јавува и како режисер на четири претстави за деца, а на една од нив е и автор на текстот: „Бум, трас, прас – Дедо Мраз“. Ја режирал и претставата за возрасни „Небо без рамка“ на Сема Али (2007). За улогата на Орест во истоимената претстава по текст на Еврипид ја добил наградата за најдобро актерско остварување на Меѓународниот фестивал на античка драма „Стоби 2004“. На МТФ „Војдан Чернодрински” во Прилеп во 2016 година ја добил наградата за најдобра епизодна улога за улогата на Контролорот во претставата „Ни ќар ни зијан“ На ФКТ „Ристо Шишков“ во 2017 година ја добил наградата на НЕТА за најдобра машка улога за толкувањето на ликот на Џон Габриел Боркман во истоимената претстава по текст на Хенрик Ибзен. На Меѓународниот театарски фестивал на мали камерни форми во Враца (Бугарија) во 2018 година за улогата на Џон Габриел Боркман, заедно со Јасмина Василева како Ела Рентхајм, ќе ја добијат наградата на НЕТА за најдобро партнерство во претставата „Џон Габриел Боркман“ во режија на Горан Тренчовски. Играл во филмовите: „Прашина“ на Милчо Манчевски, „Искушение“ на Бранко Костески, „Епизодист“ на Игор Алексов, „Ова не е американски филм“ на Сашо Павловски, „Трето полувреме“ на Дарко Митревски и „Црвениот поет“ на Никола Поповски.