Јулија Милкова

Актерка

Родена во 1984 година во Гевгелија, а живеела во Валандово. Дипломирала на ФДУ во Скопје на Одделот за актери во класата на проф. Кирил Ристески. Има искуство како радио и телевизиски водител во разни емисии. Учествувала во снимањето на играната серија „Народни приказни“, потоа учествувала во снимањето на серијата „Струмички народни приказни“. Својот глас го позајмила во синхронизацијата на повеќе играни и цртани телевизиски серии. Играла во играниот филм „Скопје ремиксед“ во режија на Јане Алтипармаков (2012). Вработена во Струмичкиот театар од 2013 година, иако во него дебитирала многу порано, уште во 2006 година во претставата „Црна комедија“ на Питер Шефер. На сцената на Струмичкиот театар играла во дваесетина претстави меѓу кои се издвојуваат нејзините улоги: Дороти во „Волшебникот од Оз“ (2012), Ана во „Не чукај блиску до срцето“ (2013), Тина во „Ни ќар ни зијан“ (2015), Гунхилд во Ибзеновата „Џон Габриел Боркман“ (2017), Виола и Цезарио во „Дванаесеттата ноќ“ на Вилијам Шекспир (2017), Настасја Филиповна во „Идиот“ на Ф.М. Достоевски (2017), Сноубл во „Животинска фарма“ на Орвел (2018), Таа во „Кора од портокал“ и др. Настапувала и на сцената на Македонскиот народен театар и Народниот театар во Битола. Во 2021 година била член на жири-комисијата на Меѓународниот филмски фестивал „Астерфест“ во Струмица. Во 2023 г. член на официјалното жири на 13. Интернационален филмски фестивал „3F Balkan festival“ во Поградец (Република Албанија).