Јасмина Вучкова

Актерка

Родена во 1980 година во Струмица. Интересот за сценски настап е од нејзините детски години, кога учествувала во детски театарски претстави и настапувала на телевизии и радија. Има добиено повеќе награди и признанија како на општински така и на регионални и државни натпревари во актерска игра и уметничко рецитирање. На осумнаесет години ја има одиграно монодрамата „Охридска Талија“, која доживува огромен успех, и по покана од тогашниот директор, во 1998 год., Вучкова е ангажирана на професионалната сцена на НТ „Антон Панов“ во Струмица. Првата професионална премиера ја има во 1999 год. со претставата „Три фарси“ од Молиер. Оттогаш, па сè до нејзиното запишување на ЈУ „Неофит Рилски“, Бугарија (2004), таа редовно игра на сцената на НТ „Антон Панов“, па и потоа како студент била ангажирана да игра во неколку нови претстави. Дипломиран драмски актер на ЈУ „Неофит Рилски“, Бугарија, во 2008 год. Во Струмичкиот театар до своето официјално вработување во 2013 година одиграла над дваесетина улоги. Вкупно на струмичката сцена има одиграно над триесетина улоги од кои се издвојуваат: Девојката за мажење во „Три фарси“ (1999), Корделија во „Операција Лир“ (2002), Невестата во „Малограѓанска свадба“ (2007), Лучијана во „Комедија од грешки“ (2008), Фанка во „Змеј Горјанин“ (2011), Ирис во „Каминот“ (2013), Џулија во „1984“ (2013), Невестата во „Крвави свадби“ (2014), Мурлин во „Мурлин Мурло“ (2016), Павка во „Народен пратеник“ (2016), Миа во „Забрането смеење“ (2018), Кловер во „Животинска фарма“ (2018), Лизелота во „Лизелота и месец мај“ (2022). Има учествувано во неколку филмови од кои би ги издвоиле улогите на: Баба Ванѓа во „Последниот Македонски пророк“ (2015) и Фанка во „Болки на душата“ (2016). Во 2005 година ја поминала обуката за сценско движење под менторство на американската театарска група Movements во Бугарија. Ја поминала обуката за физички театар преку театарската работилница „Лавиринт“, под менторство на Василиј Лагос од Грција. Долгогодишен стручен соработник како ментор и режисер во Домот за деца и млади „Благој Мучето“ во Струмица, каде реализирала повеќе проекти. Еден од основачите, ментор, режисер и уметнички раководител на Драмското куклено студио „Думон“ од Струмица од 2011 година. Од 2000 година учествувала во повеќе приватни театарски и филмски проекти во кои се јавува во улога на актерка, режисер и автор на драмски текстови. Режирала над петнаесетина претстави за деца и млади.