Ангелина Тренчева Ангелова

Актерка

Родена во 1974 година во Струмица. Од 2003 година дипломиран актер во класата на проф. Владо Цветановски на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Во Струмичкиот театар ќе дебитира уште како студент во 2001 година во претставата „Зад затворени врати“. На сцената во Струмица ќе одигра четириесетина улоги. Играла во дела од руската и европската класика, новата македонска драма, како и во куклено-детски претстави. Од повеќето нејзини улоги можат да се издвојат: Арина Пантелејмонова во „Женидба“ по Гогољ, Вина во „Големиот смок“ на Митко Маџунков, Сестрата во „Малограѓанска свадба“ на Бертолд Брехт, Милосрдната сестра во „Последниот ден на Мисирков“ на Јордан Плевнеш, Слугинката/Смртта во „Крвави свадби“ на Ф.Г. Лорка, Раиса Павловна во „Шума“ на А. Островски, Трајанка во „Ни ќар ни зијан“ на Братислав Димитров, Царицата Ирена во „Цар Владислав“ на Борис Јанков, Мајката во „Циркус Пирандело“, Неснајдената во „Кора од портокал“ на Маја Пелевиќ, Моника Боруска во „Пчелите ќе умрат“ на И. Вирипаев и други. Учествувала во македонско-француската копродукција, во театарскиот перформанс „Средба на кутии“ или „Meeting of boxes“ (2003) во рамките на Деновите на франкофонијата. Во истата 2003 година учествувала на меѓународната театарска работилница со наслов „Уметничкото лидерство и градењето тим“ во рамките на програмата на МАПА (Moving Academy of Performing Art), а во организација на Културниот центар „Медиа артс“ од Охрид и МАПА од Холандија.