Ацо Гогов

Драматург

Роден во 1971 година во Струмица. Дипломирал на Катедрата по општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје со тема од новата македонска драма. Во театарот вработен од 2014 година. Автор на три книги проза: „Географија на маленкоста“ (куси прози) во 2009 година, „Единствен матичен број“ (куси прози и раскази) во 2012 година и „Триптихон“ (куси прози) во 2016 година. Застапен е во неколку антологии. Во првата македонска антологија на песна во проза „Бденија и виденија“ во 2013 година во издание на „Антолог“ од Скопје. Во малата антологија на македонска микрофикција „Летаат приказни“ во издание на „Темплум“ од Скопје во 2019 година. Во антологијата на македонскиот краток расказ „Џинџуџе во земјата на афионите“ („Темплум“, 2022). Во 2019 година излезе од печат неговата книга театарски есеи и записи со наслов „Децата на Мнемосина“. Автор на неколку драматизации и адаптации за претстави за деца и возрасни. Ја приредил за печат необјавената драма „Вероника Самарак” од Антон Панов во 2018 година. Негови кратки раскази се објавени во тематот за современа македонска микрофикција во новосадското списание „Полја“ во 2019 година. Во подготовка за печат е неговата  најнова книга „Патот накај дома“ (струмички есеи и беседи).